February 28, 2006


February 23, 2006











Елена Велевска во прво лице еднина: „Песната е мојот живот!“

Родена сум да пеам, да се изразувам преку музиката, зашто тоа најдобро го знам. Родена сум да ја споделувам својата раскошна македонска душа со Вас кои во душата вистински ја познавате добрата песна. Родена сум со својот глас да донесувам насмевки на Вашите лица и да измамувам воздишки секогаш изненадувајќи Ве со нешто ново. Родена сум во ова време зашто ова време бара од нас повеќе песна. Затоа, Вам ви ги подарувам сите мои песни- да ги пеете и да ги сакате како што Ве сакам јас Вас. Јас сум Вашата Елена Велевска и ова е мојата животна музичка приказна:

Есента 1980-та, на 26 Октомври, се родив како втора ќерка во топлата и весела атмосфера на семејството Велевски. Рано го открив својот талент и животот u го посветив на песната. Уште на осум години запеав на училишните смотри и оттогаш многу работи u беа подредени на песната. Настапите на тие смотри станаа моја лична традиција и прекрасно искуство сe до завршувањето на основното образование кога речиси истовремено бев избрана за претставник на Прилеп на училишниот натпревар што се одржа во Пробиштип. Тоа беа моите рани почетоци на кои секогаш со радост и растреперено срце се присетувам.

Својата прва песна „Сонувам“ ја снимив на петнаесетгодишна возраст со групата „Уникат“ од Прилеп. Тоа многу ме охрабри и ја разгоре кај мене желбата да почнам да го подготвувам својот прв солистички албум кој конечно и се случи насловен како „Што ќе ми се пари“, а го снимив во прилепското студио „Точак“, на кој продуцент му беше Дејан Момироски. Дејан Момироски го донесе и текстот на мојот следен голем хит „Пу, пу машала“ по враќањето од Австралија. Оваа песна го најави и мојот втор албум на кој имаше осум песни, па затоа подоцна и целиот албум го именував по истата песна. Бидејќи „Пу, пу машала“ многу брзо ги освои Вашите срца и ја поттурна мојата музичка кариера, јас тоа го сметам за официјален почеток на мојата кариера.

Фестивалите се наметнаа како неопходност и тие беа мојот следен голем чекор, а се покажаа и како многу мудар. Првиот фестивал на којшто настапив беше „Гоце Фест 2002“, каде со групата „Болеро“ од Струмица ја испеав песната „Еј, моја Македонијо“. Таа година настапив и на „Цветници 2002“ повторно со „Болеро“ и ја отпеавме песната „Сите солзи ќе ги проголтам“. Логично и неминовно продолжение на моето чекорење кон Вашите срца беше и моето самостојно излегување на „Валандово 2002“ со песната „Свири чочек“, на која комплетен автор беше Илчо Јованов и каде конечно мојата работа доби потврда со наградата за сценски настап. На тој сценски настап бев придружувана од маестро Ферус Мустафов и дел од оркестарот „Агушеви“. Сметам дека фестивалите ми ја отворија вратата за ширење на мојата кариера надвор и моите турнеи кај нашите во Швајцарија и Италија зачестија. Следната 2003, се претставив и на „Тетовски фолк фестивал“ со песната „Живеам за тебе“ која беше многу добро прифатена и ми донесе учество на „Фолк хит на годината“. Конечно, таа 2003, по низа години работа доживеав да настапам на фестивал во мојот роден град Прилеп, а тоа беше првиот „Низа фест“. Песната што ја донесов таму беше „Мелем песна“ на авторката Радмила Митровиќ. Набргу заминав на турнеја низ Австралија заедно со Дејан Момироски. На таа турнеја ги започнав подготовките за мојот трет проект грижливо собирајќи дел од материјалот. По враќањето во Македонија го добив и преубавиот текст „Говорот на телото“ од Ѓорги Калајџиев. Тоа беше бурен период на бројни ангажмани, но јас сепак вредно и неуморно работев на мојот трет носач на звук на кој се најдоа дури шеснаесет песни. Тие новогодишни празници ги поминав во Америка на бројни настапи и пред бројна публика. Следното лето настапив на „Охридски трубадури“ со песната „Шах-мат“. Истовремено, тоа беше период во кој настапував низ повеќе познати локали во Струмица (мотел „Терминал-Траншпед“, ноќен бар „Пепи“ и др.). Прифатеноста на „Жена огнена“ изведена на „Роса 2004“ ми донесе многу радосни моменти и желба и елан за нова работа. На целата таа атмосфера одлично се надоврзаа и срдечните и громогласни аплаузи што ги добивав за време на настапите на новите турнеи низ Италија, Швајцарија, Германија, Америка и Австралија. Нашите иселеници ми оставија длабок впечаток со нивната срдечност и отвореност, како и со познавањето на мојата работа. Моите песни ги освоија нив, а тие ме освоија мене. Моите мисли, моето срце и моите песни секогаш ќе бидат со нив.

На крај, имам уште да додадам дека на мојот четврти албум како автор на две песни се јавувам лично јас. Се надевам дека и овој албум, како и овие песни ќе бидат исто прифатени од Вас како и сите досегашни мои песни, а тоа за мене ќе значи огромен поттик да продолжам да Ви подарувам и понатаму песни од душа и за душа, зашто живеам да пеам и пеам за да живеам. Пејте ги моите песни и не заборавајте никогаш:

„Во метежот на животот задржете си го спокојството, зашто и покрај сета лажност, тешка работа и неостварени сништа, сепак- ова е ПРЕКРАСЕН СВЕТ.“

Ве обожува,

Елена Велевска

February 21, 2006

Darren Emerson vo Skopje